• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Болоња обезбедија пласман во финалето на Суперкупот на Италија, откако во драматичен полуфинален дуел одигран во Ријад ја елиминираа екипата на Интер. По нерешените 1-1 во регуларните 90 минути, „рособлу“ беа посмирени и поуспешни во пенал-рулетот, славејќи со 3-2 и така изборија борба за трофејот.
- Извештај од натпреварот:
Интер тргна офанзивно уште од самиот старт и практично ја реализираше првата акција на натпреварот. Во втората минута Алесандро Бастони продре по левата страна и упати прецизен центаршут, а Маркус Тирам се најде на вистинското место и ја смести топката во мрежата за рано водство на „нераѕурите“.
Болоња не се повлече и се обиде брзо да одговори, а најсериозната закана ја упати Бернардески, чиј удар беше одбранет од Мартинес. Клучниот момент за израмнување се случи во 31. минута, кога по игра со рака на Бисек судијата досуди пенал за Болоња. Одговорноста ја презеде Рикардо Орсолини и во 35. минута сигурно реализираше за 1-1.
Непријатност за Болоња претставуваше повредата на Бернардески, кој кон крајот на првото полувреме мораше да го напушти теренот. Во продолжението Интер ја презеде иницијативата и имаше повеќе од играта, но доминацијата не ја претвори во конкретна предност. Најблиску до гол беше Де Фрај, кој пропушти добра шанса, додека и Фабијан се закани, но неговиот удар со краен напор беше одбранет. Бидејќи резултатот не се промени до крајот, победникот беше решен по изведувањето пенали. Серијата беше исклучително драматична, со дури пет последователни промашувања, а херој на Болоња стана искусниот Чиро Имобиле, кој го погоди решавачкиот удар и ја однесе својата екипа во финалето.
Тимот предводен од Винченцо Италијано во финалето на Суперкупот на Италија ќе се соочи со Наполи, кој во другото полуфинале беше поуспешен од Милан.



