Интер со ултиматум до Инзаги, Дејан Станковиќ чека своја шанса

Деновите на Симоне Инзаги на клупата на Интер можеби се одброени, барем според најавите во италијанските медиуми. Стручњакот минатата сезона не успеа да го одведе тимот до одбрана на скудетото, кое заврши кај ривалот Милан, а „нераѕурите“ го освоија Купот. 

Оваа сезона тргна турболентно, Интер загуби во дерби средбите со Лацио и Милан, а во Лигата на шампионите започна со пораз од Баерн Минхен. Според најавите на „Тутоспорт“, клубот има ултиматум до Инзаги. Во трите наредни средби против Торино, Викторија Плзен и Удинезе, Инзаги мора да избори барем шест бода, во спротивно ќе биде отпуштен. 

Како прв пик во случај на отказ за Инзаги се споменува српската легенда на Интер, Дејан Станковиќ. Според најавите, челниците веќе го контактирале стручњакот со цел да видат каква е неговата ситуација. Скромниот Србин ја напушти клупата на Црвена Звезда откако не успеа да ја одведе во Лигата на шампионите, а доколку дојде повик од Интер, со сигурност ќе го прифати. 

Дури и во времето додека Станковиќ ја водеше Црвена Звезда, неговото име се провлекуваше низ италијанските медиуми како можна опција во иднината за Интер.