ВИДЕО: Интер со минималец во Виена, БАТЕ ги шокира „топџиите“ на Емери

ЛЕ насловна слика

Првите натпревари од осминафиналето во Лига Европа донесоа интересни резултати, кои најавуваат неизвесни реванш средби за една недела.

Италијански Интер славеше на гости кај Рапид Виена (0-1) и со предност ќе го дочека вториот меч во Милано. Домашната екипа немаше шанси на денешниот меч и беше целосно инфериорна во однос на противникот. „Неразурите“ постигнаа гол од пенал преку Лаутаро Мартинез  кој ја круниса доминацијата на својата екипа. Домаќинот беше на чекор до израмнување, но погодокот на Андреј Иван беше поништен поради офсајд позиција, што беше најголемата шанса за нешто повеќе на австриската екипа.

Најголемото изненадување го направи БАТЕ Борисов, кој минимално го победи големиот фаворит Арсенал (1-0). Еден момент го одлучи натпреварот кој му донесе голем триумф на белорускиот шампион. Станислав Драгун со глава го совлада Петр Чех во последните моменти од првиот дел, предност, која што домаќинот ја задржа до самиот крај. Сега избраниците на Унаи Емери ќе мора да прават пресврт во Лондон на реваншот за една недела.

Во Грција, Олимпијакос ремизираше против Динамо Киев (2-2) и ќе патува за Украина со надеж дека ќе се избори за подобар резултат кој ќе му донесе четвртфинале. Дефанзивецот Ахмед Асад го отвори резултатот, а домашната одбрана капитулира пред Виталиј Букалски кој израмни на 1-1. Крајот на полувремето донесе нов погодок во гостинската мрежа, погодок кој беше и најубав од сите. Од голема далечина шутираше Жил Диас и на прекрасен начин ја израдува домашната публика. Шокот за тимот од Пиреја го донесе Бенџамин Вербиќ, кој израмни во 90. минута од натпреварот.

Најинтересниот дуел го одиграа Рен и Бетис (3-3), во кој победата ја испушти домашната екипа. Мечот започна со два брзи гола за францускиот претставник, кој поведе со 2-0 по само десет минути игра. Ло Селсо намали и донесе неизвесност пред паузата, но на спротивната страна возврати Бен Арфа, кој обезбеди сигурно водство за својата екипа со удар од белата точка. Андалузијците покажаа борбен дух и се вратија во игра, па преку Сиднеи стигнаа на чекор до реми, кое во надополнувањето го обезбеди Диего Лаинез и ја круниса храбрата игра на своите соиграчи.

Екипата на Бенфика го освои Истанбул и славеше на жешкото гостување кај Галатасарај (1-2). Турците можеа да жалат за конечниот резултат со оглед на играта и пропуштените шанси. Несреќниот Маркао играше со рака во казнениот простор и им овозможи на гостинските фудбалери да поведат преку пеналот на Едуардо Салвио. На стартот на вториот дел израмни Кристијан Лујиндарма, а кога се чинеше дека ќе следува пресврт, Харис Сеферовиќ го шокираше противникот и го постави конечниот резултат во корист на португалскиот гигант.

Натпреварите помеѓу Славија Прага - Генк и Краснодар - Баер Леверкузен завршија без голови.