Интер останува без еден од клучните играчи за финалето во ЛШ?

Екипата на Интер успеа по цели тринаесет години да се пласира во финалето од Лигата на шампионите, и тоа на најсладок можен начин, со елиминација на лутиот градски ривал Милан

„Нероаѕурите“ ја кренаа формата кога беше најпотребно и имаат осум последователни победи во сите конкуренции, но денес навивачите добија една информација која може малку да ги растревожи. Имено, ерменскиот интернационалец Хенрик Михтарјан заработил повреда на бутниот мускул и голема е веројатност да го пропушти финалниот натпревар во Истанбул. 

Интер ќе има пеколно тешка задача против фаворитот Манчестер Сити, а отсуството на Михтарјан може само дополнително да ги искомпликува плановите на тренерот Симоне Инзаги. Ерменецот беше заменет уште во првото полувреме, на негово место влезе Марсело Брозовиќ, а првичните информации велеа дека повредата не е многу сериозна. 

Италијанскиот клуб денес официјално потврди дека Михтарјан нема да игра на последните лигашки мечеви, а не е познато дали ќе успее потполно да заздрави и да биде во комбинација за настап во финалето. Тој исто така ќе го пропушти и финалето од Купот на Италија против Фиорентина, кое треба да се одигра на 24 мај. Навивачите се во надеж дека Михтарјан ќе успее да се врати навреме, затоа што Ерменецот беше еден од клучните играчи во двомечот со Милан, a беше стрелец и на вториот гол во првиот натпревар. 

Искусниот 34-годишен Хенрик Михтарјан пристигна во Интер минатото лето од редовите на Рома. Претходно тој настапуваше за многу европски клубови како Арсенал, Манчестер Јунајтед, Шахтјор Доњецк, Пјуник, Металург Доњецк и Борусија Дортмунд. Сезонава во дресот на „нероаѕурите“ одигра вкупно 47 натпревари и запиша пет голови и две асистенции зад своето име.