• Горан Упале

Фудбалерите на Интер го подигнаа вториот овосезонски трофеј во италијанскиот фудбал. По славјето во Суперкупот на почетокот на годината, вечерва „неразурите“ со минимални 2-1 го совладаа тимот на Фиорентина и втора сезона по ред се освојувачи на Купот на Италија! На почетокот на јуни Интер ќе се бори и за третиот трофеј оваа сезона, оној најважниот, во Лигата на шампионите против Манчестер Сити.
- Извештај од натпреварот:
Финалето на „Олимпико“ во Рим започна како што посакуваа неутралните фанови и оние на Фиорентина – со гол по само три минути игра. На асистенција на Иконе, аргентинскиот ас Нико Гонзалез го матира Хандановиќ и „виолетовите“ поведоа со 1-0.
Но, по раното водство се чини дека ништо не функционираше како што треба во редовите на Фиорентина. „Виолетовите“ влетуваа од грешка во грешка, а Интер мајсторски го искористи тоа и покажа зошто во јуни ќе игра во финалето во Лигата на шампионите. Се играше 29. минута кога Лаутаро Мартинез ја искористи одличната асистенција на Брозовиќ и израмни на 1-1. Светскиот шампион од собирот во Катар од пред неколку месеци, во финишот од првиот дел одново се најде во центарот на внимението и со својот втор погодок донесе пресврт и водство за Интер од 1-2, резултат со кој се замина на одмор.
По советите во соблекувалната, Фиорентина на Винченцо Италиано вториот дел го започна помотивирана и Артур Кабрал со глава ја испрати првата закана, но искусниот Хандановиќ остана концентриран и ја впиша првата интервенција. По лошиот старт на полувремето, Симоне Инзаги се реши да го освежи својот тим и Лукаку влезе не местото на Џеко. Токму Белгиецот испушти голема можност за 1-3, откако биеше силно, но Терачано одлично одбрани. Италијано експресно одговори на земените на својот колега и во игра во внесе Лука Јовиќ, кој за само две минути имаше две неверојатни шанси за израмнување.
За првата биеше прецизно, но Хандановиќ одново беше на висината на задачата, додека во вториот обид успеа да го промаши невозможното, откако од само неколку метри со глава не погоди празна мрежа. Тоа беше и последното возбудување на натпреварот, па трофејот од Купот на Италија заврши во рацете на фудбалерите на миланскиот гигант.