Интер Мајами потпиша со поранешен „топџија“ и репрезентативец на Англија

Екипата на Интер Мајами доведе искусно име за дефанзивната линија од теренот, откако потпиша со Киеран Гибс. Левиот бек пристигна во тимот на Дејвид Бекам и стави потпис на договор до 2023 година, а право за настап ќе добие на лето кога ќе му истече договорот со премиерлигашот ВБА. 

„Интер Мајами потврдува дека потпиша со трикратниот освојувач на ФА Купот, дефанзивецот Киеран Гибс. Левиот бек кој потпиша договор до крајот на сезоната 2023, ќе има право за настап за клубот од први јули, кога ќе му истече договорот со Вест Бромвич Албион“, стои во соопштението на клубот. 

Гибс има 31 година, во Флорида ќе пристигне по четири години минати во Вест Бромвич Албион, а оваа сезона во Премиер лигата има десет одиграни мечеви. Сепак, најголемиот успех Гибс го бележеше како играч на Арсенал, каде мина една деценија и освои три трофеи во ФА Купот. 

Покрај тоа, Киеран Гибс има и десет настапи за репрезентацијата на „Гордиот албион“, но одамна не е во плановите на селекторите на Англија.