„Интер Мајами е ужасен клуб, го управува таткото на Лионел Меси!“

Поранешниот играч од средниот ред на Лидс, Матеуш Клих, остро ги критикуваше Лионел Меси и Интер Мајами во едно неодамнешно интервју.

Полскиот фудбалер во 2023 година се пресели во МЛС, каде што потпиша за Ди Си Јунајтед. Потоа кратко време играше за Атланта Јунајтед, а во август се врати во Краковија – клубот каде што ја започна својата кариера. Само еден месец откако ја напушти Америка, 35-годишниот Клих изнесе сериозни критики за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња и неговиот клуб.

Иако доаѓањето на Меси во Интер Мајами во 2023 година ја зголеми популарноста на МЛС лигата и му донесе на клубот прв трофеј (Лигс Купот), Клих тврди дека состојбата во клубот одвнатре е многу лоша.

„Не го препорачувам Мајами додека Меси е таму. Таму владее хаос – луѓе си заминуваат, тренери и физиотерапевти си даваат отказ. Се е лошо организирано.

Клубот, всушност, го води таткото на Меси. Сите зборуваат само шпански и ништо не може да се направи без нивна дозвола. А и самата локација на клубот е далеку – 45 до 50 минути од центарот на Мајами“, изјави Клих.

Јавноста очекува реакција на овие тврдења на Полјакот, но се претпоставува дека Интер Мајами нема премногу да се загрижи по ова прашање.