• Иван Димовски
Фудбалерите на Интер го добија дербито со Аталанта (3-2), во рамките на претпоследното 37. коло на италијанската Серија А. Со тоа, „нераѕурите“ и официјално си го чекираа билетот за Лигата на шампионите следната сезона. Иако се очекуваше далеку поголема борба, Интер рано поведе со два гола и потоа рутински си ја заврши задачата на преполната „Џузепе Меаца“.
- Извештај од натпреварот:
Само 39 секунди беа потребни за домаќините да поведат во дербито. Аталанта излезе во висок пресинг, па во три потези „пукна“ одбраната. Лаутаро Мартинез упати топка низ дефанзивната линија до Ромелу Лукаку, кој истрча, го издрибла голманот Спортиело и стрела за 1-0. На општо одушевување на домашната публика, на вториот погодок се чекаше само две минути. По еден удар откосо на Димарко, топката се одби до Николо Барела, а тој ја испрати во мрежата за 2-0.
Пред полувремето гостинската екипа успеа да намали на 2-1. Една мешаница по корнер ја искористи хрватскиот играч за врска Марио Пашалиќ, па го матира Онана. Вториот дел беше помирен, темпото на игра опадна и имаше неколку измени. Одбраната на Аталанта пак капитулира откако Лукаку испрати топка низ неа. Барела и Лаутаро Мартинез истрчаа пред противничкиот гол, Италијанецот одложи, а напаѓачот ја втурна топката во мрежата за 3-1 во 77. минута. Конечниот резултат беше поставен во првата минута од судиското надополнување. Луис Муриел изведе мајсторија, биеше од слободен удар и топката му се одби назад од живиот ѕид, а тогаш Колумбиецот со волеј испрати проектил во аголот.
Интер сега има 69 бода и е сигурен патник во Лигата на шампионите, додека Аталанта остана без шанси за место во елитното натпреварување бидејќи не може да го прескокне четвртопласираниот Милан. Последниот билет за елитата е на чекор до „росонерите“, на кои им е потребен само бод во завршните две кола.