• Горан Упале

Ромелу Лукаку летово е подготвен да направи шокантен трансфер, ако им се верува на пишувањата на „Дејли Мејл“. Белгиецот е прескап за Интер, во Челзи е вишок, а големо изненадување е изборот на следниот клуб.
Директорот на Интер, Џузепе Марота пред неколку дена потврди дека Ромелу Лукаку ќе се врати во Челзи на крајот од сезоната и сега иднината на 29-годишниот напаѓач е во воздух. Вториот престој на Лукаку во Италија отиде далеку под очекувањата, пред сè поради бројните проблеми со повредите и Белгиецот никогаш не успеа да ја пронајде вистинската форма.
„Дејли Мејл“ наведува дека Лукаку ни помалку ни повеќе е мета на Реал Мадрид и Карло Анчелоти е тој кој најмногу инсистира да го доведе.
Повикувајќи се на извори од Шпанија, британскиот весник наведува дека Реал гледа на Лукаку како повеќе од достојна замена за Карим Бензема, кој исто така е склон на повреди во последниот период. Белгиецот се пресели од Интер во Челзи пред речиси две години за сто милиони евра, но работите не одеа добро на „Стемфорд Бриџ“, бидејќи тој не се справи со тактиката што ја применуваше Томас Тухел.
Минатото лето пристигна на позајмица во Интер, но недостатокот на кондиција и бројните здравствени проблеми резултираа со тоа што досега постигна само три гола во Серија А.
„Позајмицата е за една сезона, па на 30 јуни Лукаку ќе се врати во Челзи без разлика како ќе игра во остатокот од сезоната“, изјави Марота.
На Реал очајно му треба играч кој ќе може адекватно да го замени Бензема. Во Лигата на шампионите не се чувствува толку многу, но во првенството и тоа како, поради што разликата со Барселона е девет бода.