ВИДЕО: Интер го снајде ИБРА-КАДАБРА, Милан слави во градското дерби!

Минаа години и години на неуспеси и фрустрации, па кога никој не се надеваше, Милан го доби градското дерби со Интер и како единствена екипа со максимални четири победи во Серија А, загосподари на врвот по некомплетното четврто коло. Ова е прва победа на Милан во градските пресметки по четири последователни порази.

  • Извештај од натпреварот: 

Конте не можеше да смета на Бастони и Шкрињар, а кај Милан, Пиоли го врати Ибрахимовиќ од првата минута по двонеделната пауза заради коронавирус. Веднаш дербито доби нова енергија, бидејќи „росонерите“ постигнаа два гола во половина полувреме. Коларов го сруши Ибрахимовиќ во казнениот простор, а судијата Маријанини покажа на белата точка. Иако Хандановиќ го прочита ударот на 39-годишниот Швеѓанец, топката се одби во негов посеб и Ибра од вториот обид погоди за 0-1.

Интер не се ни созеде, а веќе прими и втор гол. Леао се проби по левата страна, убаво центрираше низ лошо поставената одбрана на Интер, а Ибра од неколку метри го матира голманот на Интер (0-2).

Сепак, како и на минатогодишното дерби, Интер почна да игра откако прими два гола. По заканите на Барела и Лукаку, по половина час, резултатот беше преполовен. Перишиќ проби по левата страна, убаво центрираше по земја, а Лукаку од непосредба близина само ја втурна топката во празната мрежа (1-2).

Второто полувреме беше многу тактичко, двете екипи често ја сецкаа играта, а Маријанини бележеше само жолти картони. Најзрелата шанса ја имаше Хакими, кој доби убава топка од Видал, биеше со глава, но топката заврши сантиметар до дирекот. Пиоли ги внесе Кастаљехо и Круниќ и босанскиот интернационалец веднаш доби зицер во 71. минута, но неговиот удар од непосредба близина заврши преку голот на Хандановиќ.  

Во следниот напад, Лукаку беше срушен во казнениот простор од Донарума и главниот судија покажа на белата точка. Иако се чинеше дека Белгиецот симулира, ВАР-собата донесе одлука дека имало недозволена позиција на зачетокот од акцијата и наместо најстрога казна за Интер, играта продолжи со индиректен удар за Милан.

Пиоли го внесе Тонали на местото на Кеси и целосно го успори натпреварот. Во петминутното надополнување Лукаку имаше голема шанса, но од непосредна близина шутираше крај голот. „Росонерите“, иако беа целосни аутсајдери, дојдоа до победа од 1-2 (1-2) и му го нанесоа првиот пораз на вицешампионот оваа сезона.