ВИДЕО: Интер ги искористи киксовите на ривалите и го презеде врвот!

Фудбалерите на Интер славеа на гостувањето кај Џенова со 1-2 (0-2) во натпреварот од 15. коло на италијанската Серија А. „Нераѕурите“ добро ги искористија киксовите на ривалите бидејќи Милан ремизира со Сасуоло, а Наполи загуби во Удине и скокнаа на врвот на табелата. 

  • Извештај од натпреварот:

Натпреварот на „Луиџи Ферарис“ тргна со ран водечки гол за гостите, а стрелец беше дефанзивецот Јаник Бисек по асистенција од капитенот Лаутаро Мартинез за 0-1 во шестата минута. Тимот на Кристијан Киву играше рутински откако рано ја постигна целта, а пред паузата асистентот се запиша и меѓу стрелците, па на 0-2 удвои Мартинез во 38. минута. 

Во продолжението свои моменти имаше и Џенова, во натпреварот домашните ги врати Витиња кој во 68. минута намали на 1-2. Сепак, до крајот резултатот остана непроменет и гостинот си замина со бодовите. 

Интер сега има 33 бода, еден повеќе од Милан и два од Наполи.