• Саше Љолес
Италинаскиот првак Интер остана без Кeртис Џонс во незгоден момент, откако англискиот репрезентативец се повреди на тренинг и според првичните проценки ќе биде надвор од терените околу еден месец.
Џонс денеска ги направи потребните медицински прегледи во болницата „Хуманитас“ во Роѕано, кои покажале истегнување на адукторите на десната натколеница. Интер потврди дека неговата состојба повторно ќе биде проценета во наредните денови.
Поради повредата, 25-годишниот играч сигурно ќе го пропушти натпреварот против Парма, а нема да биде во комбинација ниту за дуелот со Клуб Бриж во Лигата на шампионите. Италијанските медиуми очекуваат неговото отсуство да се продолжи на неколку недели, односно приближно еден месец.
Ова е непријатен удар за тренерот Кристијан Киву, бидејќи Џонс по репрезентативната пауза се наметнуваше како сериозна опција за стартниот состав. Англичанецот летово пристигна во Интер од Ливерпул за 30 милиони евра, со можност трансферот преку бонуси да достигне уште пет милиони.
Киву сега ќе мора да бара ново решение во средниот ред. Во конкуренција за место во тимот се Хакан Чалханоглу, Хенрих Мхитарјан, Петар Сучиќ и Николо Барела, кој според италијанските медиуми е една од опциите за замена на Џонс.
Џонс досега настапи на два натпревари во Серија А за Интер, а своето деби го имаше во победата над Каљари. Во август тој официјално го напушти Ливерпул по осум сезони во првиот тим и се пресели во Милано.












