Интер до ДЕСЕТТА победа во низа: „Лу-Ла“ го отпиша и Сасуоло (ВИДЕО)

Екипата на Интер чекори кон скудетото самоуверено како никогаш досега. Избраниците на Антонио Конте славеа над Сасуоло (2-1) во заостанатиот натпревар од 28. коло и се зацементираа на врвот пред ривалите Милан и Јувентус.

  • Извештај од натпреварот:

„Нераѕурите“ одиграа натпревар на тактички план, а Сасуоло успеа да го намали поразот во финишот, кога на пет минути пред крајот топката заврши во мрежата на капитенот Хандановиќ благодарение на Траоре.

Инаку, победата за Интер ја донесоа главните напаѓачи Ромелу Лукаку и Лаутаро Мартинез. По којзнае кој пат оваа сезона, тандемот „Лу-Ла“ го поведе тимот кон победата. Лукаку погоди во десеттата минута по асистенција на Јанг, додека Лаутаро во 67. минута доби топка од Белгиецот и ги потврди посакуваните три бода.

Во 94. минута Ромелу Лукаку вторпат се запиша во листата на стрелците, ама погодокот кој го даде најдобриот стрелец во лигата беше оправдано поништен поради офсајд-позиција. За шампионскиот тим на Интер ова беше десетта победа по ред во Серија А и зборот неуспех е непознаница уште од 21 јануари кога се одигра реми со Удинезе.

Тимот е на врвот со 71 освоен бод, пред второпласираниот Милан со 60, а актуелниот шампион Јувентус е трет со 59 бода. Има уште девет кола до крајот, а само чудо може да ги остави Конте и фудбалерите без посакуваното скудето.