• Саше Љолес

Екипата на Интер започнува со плановите за следната сезона во италијанското првенство, а тимот веќе обезбеди и пласман во Лигата на шампионите. Италијанскиот тим сезонава ќе игра во финалето од елитниот ранг, а очигледно сака соодветно да го засили тимот и за догодина.
Дел од шпанските и италијанските медиуми објавуваат дека „нероаѕурите“ испратиле понуда до дефанзицот на Реал Мадрид, Начо Фернандез, чиј договор истекува летово и на овој начин Интер би можел да го доведе во Милано целосно бесплатно.
Одамна е познато дека Начо нема да добие продолжување на договорот со Реал, а целата ситуација би можел да ја искористи италијанскиот гигант. 33-годишниот дефанзивец може да покрие неколку позиции во одбраната, а најчесто настапуваше како лев бек или централен дефанзивец. Тој во минатото играше и како десен бек, а сето ова е веројатно еден голем „плус“ за Интер, затоа што во Начо ќе добие сестран играч, без оглед на неговата возраст.
„Кориере дела сера“ пишува дека миланскиот тим му понудил двегодишна соработка, со можност за продолжување на договорот за уште една сезона. Малкумина веруваат дека Начо до крај би го одработел договорот со Интер, но сепак, во следната сезона може да биде од огромна корист за „нероаѕурите“ кои годинава многу рано ја загубија битката за титулата во Италија.
Интер сака да ја засили својата ротација и да има повеќе квалитетни играчи на сите позиции, но клубот во голема мера ќе мора да ангажира слободни агенти или играчи за кои ќе треба да плати помала отштета, а сето тоа е предизвикано од лошата финасиска состојба.
Начо Фернандез е „дете“ на Реал Мадрид. Тој за „кралскиот“ клуб одигра вкупно 212 натпревари и постигна 12 голови. Шпанецот ги мина сите младински категории во Реал, а од 2011 година е член на сениорскиот тим на „кралевите“. За репрезентацијата на Шпанија има одиграно 23 средби и постигнал еден гол.