Инсиње со солзи на очите го напушти дербито со Лацио, „виси“ реваншот против Барселона 

На само пет дена до клучниот натпревар во сезоната, тимот на Наполи се соочува со сериозен проблем, затоа што против Барселона најверојатно нема да може да смета на еден од најдобрите фудбалери од својот ростер.

Лоренцо Инсиње поради незгодна повреда синоќа предвреме го заврши дербито со Лацио, кое се играше во рамки од последното коло во Серија А. Во самиот финиш од дербито во Неапол искусниот офанзвиец се пожалил на силни болки и со солзи на очите го напушти теренот, а неговото место го пополни нашиот репрезентативец Ељиф Елмас.

Првичните информации од Италија велат дека се работи за мускулна повреда, но детелниот извештај ќе се знае во наредните два дена. Сепак, со оглед на тежината на повредата веројатноста дека Инсиње ќе биде подготвен за реванш дуелот против Барселона е многу мала. 

Италијанскиот гигант во Каталонија ќе патува со домашните 1-1 од првиот нивни дуел. Реванш средбата од осминафиналето на „Камп Ноу“ се игра на осми август од 21:00 часот.