Инсиње: Со што се разликува Италија од другите? Се жртвуваме еден за друг

Лоренцо Инсиње го постигна еден од најубавите голови на Европското првенство во победата на неговата Италија против Белгија (2-1), во четвртфиналето на континенталниот собир.

Напаѓачот на Наполи по херојската победа над „ѓаволите“ беше избран за играч на натпреварот, а истакна дека посреќен e што неговиот тим извојува голема победа и е во полуфиналето.

„Ова е одлично, но освен наградата за играч на натпреварот, јас сум посреќен затоа што сме во полуфиналето. Работиме како тим и мора да продолжиме така, можеме да направиме одлични работи заедно. Го видов Јури Тилеманс пред мене, тој тогаш имаше жолт картон, па знаеше дека ќе одам кон него. Го забележав просторот и ја испратив топката таму каде што заврши. 

Она што нè разликува од другите е тоа што ние се жртвуваме еден за друг и тоа мора да продолжи да биде така. Видете колку далеку стигнавме. Сега треба да закрепнеме и да бидеме спремни за Шпанија“, рече Инсиње.

Во полуфиналето Италија ќе се сретне со уште еден гигант, Шпанија, селекција која по изведувањето на пеналите славеше над Швајцарија.