• Саше Љолес
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, доби значајна поддршка во период кога се соочува со сериозен притисок и барања за оставка.
Фудбалските федерации на Катар, Мароко, Египет, Либан, Судан и Мавританија излегоа со заедничко соопштение во кое ја изразија својата поддршка за Инфантино и ја потврдија довербата во неговото раководење со Светската фудбалска организација. Особено значајно е што четворица од шесте потписници се членови и на Советот на ФИФА.
Во соопштението тие наведуваат дека ја ценат работата на Инфантино за развој и ширење на фудбалот во различни делови од светот, додавајќи дека сакаат да продолжат со тесната соработка со него.
Поддршката пристигнува во чувствителен момент за првиот човек на ФИФА. УЕФА, АФЦ и КОНКАКАФ се спротивставија на неговите планови и побараа тој да се повлече од функцијата. Причина беше контроверзниот предлог за продажба на дел од комерцијалните права на ФИФА на приватни инвеститори.
Според планот, ФИФА требаше да понуди околу 20 проценти од комерцијалните права поврзани со Светското првенство, со што организацијата се надеваше дека ќе обезбеди приближно 4,2 милијарди долари. Проектот во меѓувреме беше повлечен поради силниот отпор.
Предлогот предвидуваше и значително поголеми средства за националните федерации во следниот финансиски циклус. Тие требаше да добиваат по околу 20 милиони долари, а сумата можеше да достигне и до 40 милиони доколку федерациите го прифатат предложениот договор.
И покрај поддршката од арапските федерации, Инфантино се соочува со сериозен противнички блок. УЕФА, АФЦ и КОНКАКАФ заедно опфаќаат 136 од вкупно 211 национални федерации кои имаат право на глас на изборите за претседател на ФИФА.
Инфантино, сепак, планира да се кандидира за нов мандат. Поддршката од шесте арапски федерации покажува дека, и покрај една од најсериозните кризи со кои се соочил откако е на чело на ФИФА, тој сè уште има значајни сојузници во светскиот фудбал.


