Инфантино им се извини на Англичаните за непримерните коментари кон навивачите

Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, денеска се извини за негативните и непримерни коментари што неодамна ги изнесе за британските фудбалски навивачи. Инфантино на минатомесечниот Светски економски форум во Давос изјави дека Светското првенство во Катар 2022 година било посебно бидејќи „првпат во историјата ниту еден Британец не бил уапсен“.

Здружението на фудбалски навивачи неговите коментари ги опиша како „евтина“ шега на сметка на навивачите, додека шефот на британската фудбалска полиција Марк Робертс изјави дека тие не се „ниту корисни ниту точни“, имајќи ја предвид евиденцијата на навивачите на турнирите пред и по Катар.

Инфантино денеска, беше запрашан за спорниот коментар.

„Прво морам да се извинам. Тоа требаше да биде повеќе лежерна забелешка за да се покаже дека Светското првенство во Катар навистина беше  мирен настан и дека сите се собраа на мирен начин“, изјави Инфантино.

Швајцарецот додаде дека би сакал на Светското првенство во Соединетите Американски Држави, каде што Англија ќе ги игра сите три натпревари од групната фаза, да има што повеќе навивачи од Островот.

„Значи, да имате англиски навивачи, вистински навивачи, кои доаѓаат на мирен начин, уживаат и навиваат за својот тим, е нешто фантастично“, заклучи Инфантино.

Англија на Светското првенство ќе игра во Групата Л. Првиот натпревар ќе го одигра во Арлингтон против Хрватска на 17 јуни, Фоксборо ќе биде домаќин на дуелот меѓу Англија и Гана на 21 јуни, а „Гордиот Албион“ групната фаза ќе ја заврши на 25 јуни против Панама во Ист Радерфорд.