IN MEMORIAM: Почина легендарниот Ацуле, култниот претседател на ФК Победа

Поранешниот претседател на Победа и еден од најкултните личности во македонскиот фудбал, Александар Забрчанец - Ацуле почина вечерва во 73 година од животот. Легендарниот прв човек на Победа беше поврзан со сите успеси на клубот, омилен меѓу фудбалерите и навивачите и Прилеп и Македонија ќе го паметат како ведар заљубеник во фудбалот, на кого го посвети цел живот.

Со Ацуле како претседател Победа двапати беше шампион и двапати вицешампион на Македонија, а го освои Купот на Македонија во сезоната 2001/02. Под негово водство Победа првпат заигра во фудбалска Европа, а своите фудбалери често ги третираше како свои деца.

Забрчанец е роден во 1947 година, во Победа започна да работи од 1979 година. Од март 1996 беше директор, а подоцна и претседател на клубот кој го вивна во височините на македонскиот фудбал, приредувајќи огромни моменти на радост за прилепските љубители на фудбалот.

Во последните десетина година не беше активен во фудбалскиот спорт.