ВИДЕО: Импресивниот Бен Једер во пет минути им пресуди и ги елиминира Мурињо и Јунајтед

Според играта не може да се каже дека Севиља направи изненадување со триумфот над Манчестер Јунајтед пласманот во четвртфиналето од Лигата на шампионите (ЛШ). Шпанската екипа беше подобриот ривал во двата меча, а денес постигна два гола во мрежата на „црвените ѓаволи“ и по оние 0-0 на „Рамон Санчез Писхуан“ се израдува на конечната победа (1-2). Херој на андалузискиот тим беше резервистот Висам Бен Једер, кој во пет минути двапати ја затресе домашната мрежа.

Андалузијците имаа блага иницијатива на почетокот од мечот, но завршницата од полувремето целосно им припадна на домашните фудбалери. Прв се закани Хоакин Кореа, кој со глава биеше над голот на Давид де Хеа. Потоа следуваше обид на Луис Муриел, но и неговиот удар по земја заврши надвор од рамките на голот на домашниот тим.

Конечно пристигна и првата посериозна шанса на Јунајтед преку Маруан Фелаини, кој по двојната комбинација со Алексис Санчез биеше директно во рацете на Серхио Рико. Џеси Лингард и Маркус Рашфорд беа најактивни пред паузата, правејќи проблеми за гостинската одбрана од двете страни. Сепак, и по 45 минути одиграни на „Олд Трафорд“ не се затресе ниту една мрежа.

Одново Севиља подобро го започна второто полувреме и имаше шанса да го промени резултатот преку Кореа, но Ерик Бејли ја расчисти опасноста во последен момент. На спротивната страна повторно Фелаини ја испроба својата лева нога, но ударот не беше ни блиску до голот на гостите од Шпанија. 

Жозе Мурињо се реши за офанзива во продолжението и го замени Фелаини со Пол Погба. Токму Французинот беше блиску до водечки погодок по ударот со лева нога од 30 метри кој заврши покрај стативата од голот на Рико. Бен Једер го замени Муриел и го донесе шокот за домашните фудбалери со првиот контакт со топката. 27-годишникот испрати неодбранлив удар во долниот агол, на кој ниту семоќниот Де Хеа немаше одговор.

Се беше готово само пет минути подоцна, кога Бен Једер по вторпат се радуваше на погодок против Јунајтед. Напаѓачот одлично се снајде и биеше со глава, а Де Хеа не успеа да ја задржи топката пред гол-линијата, па Севиља стигна до посакуваниот резултат, кој ја однесе во четвртфиналето. Ромелу Лукаку го направи мечот интересен во завршницата, постигнувајќи го единствениот погодок за англиската екипа и поставувајќи ги конечните 1-2.