ВИДЕО: Имобиле погоди за 21 СЕКУНДА, Бешикташ го уништи Галата во Суперкупот

Турскиот фудбал имаше фантастична увертира, затоа што екипата на Галатасарај загуби од големиот ривал Бешикташ со неверојатни 0-5 во рамки на Суперкупот на Турција.

Бешикташ имаше феноменална промоција на новото засилување Чиро Имобиле кој даде гол во мрежата на Галатасарај од Истанбул по само 21 секунда. Тоа беше резултатот и на паузата, а во вториот дел следеше дебакл за актуелниот турски првак.

Се играше 52. минута кога Свенсон зголеми на 0-2, а потоа во 81. минута следеше трет гол кој пак беше дело на Чиро Имобиле. Откако Нелсон доби црвен, Бешикташ ја искористи можноста да го докусури ривалот, па преку Рафа Силва и Хекимоглу во екстра-времето ги постави високите 0-5.

За Бешикташ ова беше десетта титула во Суперкупот, прва по 2021 година.