• Саше Љолес
Македонската фудбалска репрезентација доби интересна квалификациска група за Светското првенство кое за две години ќе се одржи во Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико.
„Рисовите“ се најдоа во групата Ј заедно со селекциите на Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн, конкуренција која ни дава надеж за позитивни резултати и евентуална борба за првото место кое носи директен пласман на Мундијалот.
Македонија веќе беше во квалификациска група со Белгија и Велс, но немаме баш пријатни спомени од тој циклус за Мундијалот во 2014 година, кога завршивме последни во групата со само седум освоедни бода. На домашен терен загубивме од Белгија со 0-2, а во Брисел бевме поразени со минимални 1-0. Единствениот позитивен исход со Белгијците се случи во 1994 година, кога ремизиравме со конечни 1-1 на гостински терен.
Еден од ретките светли моменти во таа група беше победата над Велс во Скопје со 2-1, но во Кардиф загубивме со 1-0, а втората победа во тие квалификации ја извојувавме против Србија, исто така во Скопје, со единствениот гол на Агим Ибраими од пенал.
Што се однесува до послаборангираните селекции во новата квалификациска група, имаме позитивен биланс против Казахстан (две победи и еден пораз), додека против Лихтенштајн ја имаме највисоката победа во нашата историја, кога во далечната 1996 година славевме со огромни 1-11 во Вадуц. Со аутсајдерот во нашата група се сретнавме вкупно осум пати во историјата и забележавме одличен учинок од седум победи и само едно реми.