• Мартин Танасковски
Квалификациите за Светското првенство (СП) во зоната на Океанија се пред самиот крај, а последната фаза е Ф4 турнирот во Нов Зеланд на кој ги имаме имињата кои ќе играат во големото финале од квалификациите.
Нов Зеланд ја оправда улогата на фаворит и го декласира Фиџи со 7-0, а пред овој дуел се одигра мечот меѓу Нова Каледонија и Тахити на кој Нова Каледонија победи со 3-0 и со тоа селекцијата за која малкумина слушнале ќе се бори за пласман на Мундијалот.
Нова Каледонија моментално се наоѓа на 152. место на ранг-листата на ФИФА и е четврта најсилна екипа од зоната на Океанија која е најслаба во семејството на ФИФА. Станува збор за аматерски тим, а единствен професионален фудбалер е 29-годишниот напаѓач Јаушуа Сотирио, кој вреди 250.000 евра и е член на австралиски Сиднеј.
Проширувањето на Мундијалот на 48 селекции и фактот дека Океанија дефинитивно ќе има една селекција која ќе биде учесник на СП 2026 им дава посебна можност на помалите селекции. Нов Зеланд е голем фаворит во финалето против Нова Каледонија и најверојатно ќе се пласира на Светското првенство, но за поразената селекција во финалето на квалификациите на Океанија не е крај бидејќи ќе имаат шанса да се пласираат на планетарниот собир преку Интерконтиненталниот плеј-оф.
Инаку, Нова Каледонија е помала од Македонија и по површина и по број на жители. Островската земја има 271.000 жители според последниот попис, а се простира на 18,575 километри квадратни.