Има надеж за Аргентина: Ова се сите опции во групата Д!

Пред последното коло во групата Д на Светското првенство, на табелата води Хрватска со шест бодови, пред Нигерија со три, а Исланд и Аргентина имаа по еден бод. „Коцкестите“ не се сигурни на првото место, бидејќи одлучува гол разликата и во случај на пораз од Исланд и убедлива победа на Нигерија над Аргентина, ќе бидат втори, но тоа е во сферата на научна фантастика.

Кои се опциите за Нигерија?

Со бод против Аргентина не се сигурни, но ќе се надеваат дека Исланд нема да ја победи Хрватска со 3-0 или повеќе, па во тој случај би испаднале. Нигерија ќе бара победа над ранетата Аргентина, а во случај на пораз го завршува настапот на СП.

Кои се опциите за Исланд?

Мора да ја победат Хрватска, немаат друга опција ако сакаат осминафинале. Среќа што Хрватска ќе игра со резервните фудбалери, но тоа не мора да значи ништо. Дури и да победат, не значи дека ќе одат понатаму. Доколку Нигерија слави против Аргентина, Исланд ќе го заврши настапот.

Доколку Аргентина победи со два гола повеќе отколку што ќе победи Исланд, пак Исланѓаните го завршуваат настапот. Значи опциите за нив се, победа над Хрватска, и нерешен резултат меѓу Аргентина и Нигерија, или победа над Хрватска и победа на Аргентина која нема да биде поголема со два гола од нивната.

Кои се опциите за Аргентина?

Мора да ја победат Нигерија, но ќе зависат и од Исланд. Ако „рибарите“ победат, Аргентина ќе мора да победи со повеќе од два гола од победата на Исланд. Победа против Нигерија и било кој резултат на мечот меѓу Хрватска и Исланд, што не е победа на „рибарите“ им одговара на Аргентинците за пласман во осминафиналето.