ВИДЕО: Има ли некој полоша одбрана од Јунајтед? Тотнем со десетмина до реми во Манчестер

Манчестер Јунајтед повторно не успеа да ја искористи предноста на домашен терен и одигра само 1-1 против Тотенхем, иако во второто полувреме имаше целосна контрола врз играта, а во завршницата и играч повеќе. „Црвените ѓаволи“ веќе имаат причина за сериозна загриженост, бидејќи ова не е првпат да не успеат да го искористат ваквиот подарок од противникот.

  • Извештај од натпреварот:

Првото полувреме им припадна на гостите од Лондон, кои создадоа неколку изгледни шанси, но не успеаја да ја затресат мрежата. Јунајтед беше речиси безопасен пред противничкиот гол, па на паузата мрежите мируваа на „Олд Трафорд“.

Сликата целосно се промени во продолжението, особено по измените на Мајкл Керик. Домашниот тим ја презеде иницијативата и притисокот конечно се исплатеше во 73. минута, кога Брајан Мбеумо погоди од тешка позиција за 1-0.

Дополнителен проблем за Тотенхем беше исклучувањето на Родриго Бентанкур во 78. минута, само 12 минути откако влезе во игра. Се чинеше дека Јунајтед конечно ќе ја затвори средбата, но наместо тоа, дозволи противникот да се врати.

И покрај играчот помалку, Тотенхем не се предаде. Во судиското надополнување, Доминик Соланке го доби воздушниот дуел со Лисандро Мартинез и го постигна својот прв гол сезонава, носејќи му голем бод на лондонскиот тим за конечни 1-1.

За Јунајтед ова е уште едно болно реми и уште една пропуштена можност да извојува победа со играч повеќе во поле. Тотенхем, пак, сè уште е без победа по шест кола, но секако дека овој бод позитивно ќе делува во таборот на Роберто Де Зерби.