• Мартин Танасковски

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар е во исчекување на дербито со Пелистер во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), дуел кој е од многу голема важност за црвено-црните заради ривалството, но и заради пласманот на табелата.
Вардар игра за титула, моментално е лидер во шампионатот, но целосната слика за која се говори тивко во јавноста не изгледа сјајно. Од допрен глас од играчите, се тврди дека доцнат примањата во таборот на вардарци.
Непотврдени информации кои доаѓаат од тимот пред дербито во Битола велат дека два месеци играчите се без плата, а се влегува во третиот месец. Исто така се должат и премии, што е чудно, ако се земе предвид дека за Вардар се тврди дека е финансиски стабилен и дека има највисок буџет во последните години.
Финансиите се најважен дел за функционирањето на еден спортски колектив, па во Вардар ќе мора да се консолидираат работите од страна на раководството, или да се демантираат овие гласини, со цел атмосферата внатре да се стабилизира и клубот да се насочи во целост кон својата цел, тоа е титулата во македонскиот шампионат каде главен конкурент е Шкендија.




