Илијоски се врати дома и потпиша едногодишен договор со Работнички

Напаѓачот Баже Илијоски официјално е првото засилување на Работнички во зимскиот преоден рок. Тој се враќа во матичниот клуб и потпиша едногодишен договор со Работнички.

Изминатите 12 месеци ги мина во Шкупи, а сега по шести пат во кариерата ќе го носи дресот на Работнички. Се работи за најдобриот стрелец во историјата на македонскиот прволигашки фудбал и искусен голгетер кому Работнички му е „домашна“ средина.

34-годишниот Баже Илијоски е стрелец на многу важни голови за Работнички и сигурно ќе претставува големо засилување за тимот на Жиица Тасевски во вториот дел од сезоната во Првата фудбалска лига.

Напаѓачот претходно во ПМФЛ настапуваше за Металург, Работнички и Пелистер, а има и интернационални настапи на Тајланд, како и во Кореа, Романија. Во нашиот фудбалски шампионат, Илијоски има четири шампионски титули и четири национални Купа со Работнички и по еден освоен трофеј од Купот на Македонија со битолски Пелистер и Металург. Ова натпреварување Илијоски го освои и со Бангкок Глас од Тајланд.