Илиевски: Само Шпанија е изразит фаворит во нашата група

Македонската фудбалска репрезентација до 21 година ги доби противниците во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2021 година. Ривали на „црвено-жолтите“ ќе бидат Шпанија, Израел, Црна Гора, Казахстан и Ф. Острови.

Селекторот на У21-тимот, Добринко Илиевски, вели дека Шпанците се апсолутен фаворит во нашата група, а за останатите селекции смета дека се квалитетни, но дека Македонија може да се носи со нив.

„Задоволен сум од групата, но истовремено и многу внимателен. Шпанија е изразит фаворит и со нејзин исклучок, добивме ривали со кои може да се носиме, но истовремено мора и да ги почитуваме. Очекувам во овие квалификации сите фудбалери да го дадат својот максимум и да бидат на ниво, за да се обидеме да избориме пласман на едно големо натпреварување“, изјави Илиевски.

Голем проблем во овие квалификации ќе бидат далечните дестинации. Израел, Казахстан, Фарски Острови... се многу оддалечени од нашата земја.

„Далечните патувања секако дека ќе бидат проблем во овој циклус, но како за нас, така и за другите. Мислам дека тоа нема да влијае на нас“, заврши селекторот.

Првите мечеви од квалификациите ќе се играат од 18 до 20 март. Циклусот ќе трае до октомври, 2020 година, а во ноември следи плеј-офот. Европското првенство во 2019 година се игра во Унгарија и Словенија.