Илиевски: Притисокот над Русија ќе биде наша шанса за изненадување

Селекторот на У21-репрезентацијата на Македонија, Добринко Илиевски, го најави следниот натпревар на тимот против Русија, кој е претпоследен за нас во квалификациите за Европското првенство кое во 2019 година ќе се игра во Италија.

Предводникот на У21-тимот скрои нов состав, со пет нови имиња, кои претходно конкурирале во останатите селекции. Повратници се Руфати, Стојменовски, Трајчевски, Трапановски и Тотре, кои ќе треба да го надополнат отсуството на Чурлинов и Фазлагиќ кои се со У19.

„Пред нас се последните два меча од овој циклус на квалификации. Русија се уште има шанси за второто место во групата, ќе настапи во полн состав. Се работи за квалитетен состав што ќе игра на домашен терен. Чурлинов и Фазлагиќ им се потребни на У19 во квалификациите. Имаме неколку нови имиња, како и повратници во У21 тимот. Подготвуваме тим за наредниот циклус“, изјави Илиевски.

Потоа тој направи мала анализа на наредниот противник Русија, кој, според селекторот е многу квалитетен.

„Овој пат ќе направам паралела со натпреварот со Србија. Квалитетот на противникот е сличен. Иако Русите беа подобри можеби од Србите. Русија имаше агресивна игра, имаше посед на топка, но случаен пенал за Србија го сврте мечот. Тие ќе мора да одат против нас на победа, имаат императив, тоа ќе биде наша шанса затоа што ќе бидат под притисок. Покажавме во Нови Сад дека може да играме со поквалитетни селекции. Не смее да подлегнеме на атмосферата“, заврши предводникот на У21.

Подготовките за дуелот со Русија почнуваат на 8 октомври. Првиот тренинг е од 15:30 на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ при ФФМ, додека еден ден потоа ќе се има уште два тренинга, од 10:00 часот и 18:00 часот.

Натпреварот меѓу Русија и Македонија се игра на 12 октомври.

Најнови вести од
У21 ЕУРО Кв., Интернационални Млади