• Саше Љолес
Македонскиот голман Дејан Дени Илиев потпиша договор со босанскиот гигант Сараево и изрази големо задоволство од ангажманот, а воедно упати и порака до навивачите на славниот клуб.
Струмичанецот ја заврши соработката со ХЈК Хелсинки, по што се реши за промена и трансфер во Босна и Херцеговина. Илиев закрепнува од повредата што ја заработи играјќи во Финска и наскоро ќе се приклучи на новите соиграчи.
„Стадионот „Кошево“ е мојот нов дом. За мене е исклучителна чест и голема одговорност што сум дел од семејството во бордо боја. Сараево, нема да те изневерам и ќе го оставам срцето на теренот“, изјави Илиев по доаѓањето во клубот.
Дејан Илиев ја започна кариерата во струмичка Беласица, по што замина во Лондон и цели десет години беше дел од големиот Арсенал. Неколку пати беше пријавен за настап во Премиер лигата, Лига Европа и Лигата на шампионите, но никогаш не доби шанса за деби во дресот на „топчиите“.
За жал следуваа неколку потешки повреди кои го оддалечија од терените, а потоа настапуваше уште за Серед, Јагелонија, Шрузбери Таун, Тренчин и ХЈК Хелсинки. Ова за него е прво враќање на Балканот после скоро десет години.