Илиев со шанса да стане четвртиот Македонец со европски трофеј

Македонскиот репрезентативец Дејан Илиев ќе биде дел од тимот на Арсенал, во финалето на Лигата на Европа кое ќе се игра во Баку, а каде за ривал ќе го има премиерлигашот Челзи.

Илиев се најде меѓу патниците за Азербејџан, а ќе биде на клупата за резерви. Арсенал силно посакува триумф во Лига Европа затоа што тоа ќе донесе и место во Лигата на шампионите, а Илиев има шанса да стане четвртиот Македонец со европско одличје.

Пред него, во пехар до натпреварувањата на УЕФА дојдоа Дарко Панчев и Илија Најдоски со Црвена Звезда, како и Горан Пандев со Интер. Митко Стојковски има едно загубено финале во Купот на Куповите на Победниците, кога со Штутгарт загуби од Челзи (0-1).

Кај дамите, немаме европска шампионка, а Наташа Андонова беше најблиску до ова достигнување, но со Барселона оваа сезона во ЛШ загуби од Лион.