Илиев го напушти Арсенал и замина на позајмица во словачки Серед

Откако синоќа не отпатува со екипата на турнејата во САД, повеќе од јасно беше дека македонскиот голман Дејан Илиев ќе ги напушти редовите на Арсенал. 

Нашиот репрезентативец наместо во САД се упатил во Словачка, каде следната сезона ќе ја мине на позајмица во прволигашот Серед. 

24-годишниот струмичанец долго време е дел од тимот на Арсенал, но досега не добил шанса за докажување во првиот тим, па можеби оваа позајмица е најдобриот потег за неговиот развиток во кариерата. 

Илиев во редовите на Серед се пресели на барање на тренерот на словачкиот прволигаш, Македонецот, Славчо Војнески, кој пред извесен период беше претставен за предводник на тимот. 

Струмичанецот со овој премин во Словачка конечно ќе ја добие потребната минутажа која доколку максимално ја искористи ќе може да конкурира за првото голманско место во репрезентацијата на Македонија.