• Мартин Танасковски
Доскорешниот македонски фудбалски репрезентативец Аријан Адеми ќе ја заврши авантурата во Динамо Загреб и кариерата може да ја продолжи во Словенија, пишуваат хрватските медиуми. Новиот директор Звонимир Бобан ќе го менува тимот, а реконструкцијата нема да ја мине ниту Адеми, веројатно и Стефан Ристовски.
Играчот од средниот ред кој е најтрофеен играч на Динамо наводно е слободен да си бара нова средина. Веќе за него има интерес од словенечки Марибор, каде спортски директор е Михаел Микиќ, поранешен играч на Динамо и помошник тренер во стручниот штаб на Дамир Крзнар.
Микиќ веќе ги одржал првите разговори со него во Загреб и Адеми е заинтересиран за таа опција. Сепак, проблемот се финансиите кои допрва треба да се договорат.
Аријан Адеми е икона на Динамо Загреб, а 33-годишникот е дел од клубот 15 години (во два наврати, 2010-2023 и 2023-2025).