Икарди по примерот на Пандев, ќе бара раскин на договорот со Интер на суд

Аргентинскиот напаѓач Мауро Икарди размислува да го реши својот случај во екипата на Интер по судски пат.

Антонио Конте, новиот тренер на „неразурите“, му соопшти дека нема да смета на него во наредната сезона. Тоа го става голгетерот во незавидна ситуација. Од поодамна тој одби да си замине од Милано, но сега заедно со своите адвокати ќе бара правда на суд доколку не му биде дозволено да тренира со екипата.

На основа дека не му се дозволува да ја извршува својата работа и потенцијален мобинг, Аргентинецот ќе бара раскин на договорот со екипата. 

Во ваква ситуација во минатото беше Горан Пандев кој имаше проблеми со претседателот на Лацио, Клаудио Лотито. На крај судот донесе одлука во корист на нашиот интернационалец и му овозможи како слободен играч да се пресели на „Џузепе Меаца“.

Икарди има договор до 2021 година, а недоразбирањата со клубот започнаа минатата сезона, наводно поради проблеми со соиграчи и кавги во соблекувалната.