ВИДЕО: Икарди ја „наполни“ Верона, Џенова немоќна против аутсајдерот СПАЛ

Икарди

Екипата на Интер ја победи Верона (3-0) на „Џузепе Меаца“ и ја продолжи борбата за последното место кое во Лигата на шампионите (ЛШ) со Лацио, кој денес очекувано запиша три нови бода против Беневенто. Најдобриот голгетер на „неразурите“, Мауро Икарди, го отвори резултатот уште на самиот старт во 1. минута по асистенцијата на Иван Перишиќ.

Токму Хрватот се погрижи да ја дуплира предноста пред паузата со прекрасен удар од работ на шеснаесетникот. Конечниот резултат го постави Икарди со својот 24. погодок во тековната сезона и повторно на додавање на Перишиќ.

Лацио имаше негатива против Беневенто и покрај тоа што играше со човек повеќе од 9. минута, но на крај успеа да постигне четири гола за конечна победа од (6-2). Чиро Имобиле постигна два гола и ја потврди првата позиција на листата на стрелци во Серија А, а голеадата ја заокружија Лукас Леива и Луис Алберто.

Горан Пандев одигра еден час во ремито на Џенова против СПАЛ (1-1) во натпревар во кој домашната екипа не ја искористи бројчаната предност на теренот и ремизираше со аутсајдерот. Џанлука Лападула најпрво промаши пенал, па погоди за 1-0, а конечниот резултат и израмнувањето за гостите од Ферара го донесе Мануел Лацари.

На „Артемио Франки“, Фиорентина ја продолжи победничката серија и триумфираше над Кротоне (2-0), Торино ја запиша единствената гостинска победа попладнево кај Каљари (0-4), а Аталанта го победи Удинезе (2-0).