Игуаин го „пецна“ Гатузо: Сари знае како треба со мене!

Гонзало Игуаин во свој стил ја започна шестмесечната позајмица во редовите на Челзи, откако на последниот натпревар на „сините“ беше еден од клучните фудбалери и со два гола донесе значајни бода во борбата за врвот на табелата. 

По одличната партија против Хадерсфилд, аргентинскиот ас го искажа своето задоволство од двата постигнати гола, а истата прилика ја искористи да го „пецне“ својот поранешен тренер од редовите на Милан, Џенаро Гатузо. 

„Среќен сум за одиграниот натпревар и двата постигнати гола. Ова беше клучна победа, по двата неуспеси во низа. Сари знае како да го изнуди најдоброто од мене. Многу добро знае како да ме третира, особено во емоционалниот аспект. Тука започнува мојата голгетерска серија, јас и Сари и во минатото знаевме како треба и соработувавме фантастично. Верувам дека Челзи е на добар пат да ги оствари зацртаните цели“, рече Игуаин, алудирајќи на лошата соработка со предвоникот на миланезите. 

Искусниот голгетер со доаѓањето на Роналдо во Јувентус, беше приморан да ја напушти „старата дама“ и да премине на позајмица во Милан, каде не беше во добри односи со Гатузо и повеќе ја грееше клупата за резерви, отколку што беше на терен.