• Саше Љолес

Поранешниот романски фудбалер, Клаудиу Радукану, имаше прилично солидна кариера во која настапуваше за разни клубови од Европа. Напаѓачот одигра преку 400 официјални натпревари и постигна над 140 голови, а во пензија замина пред девет години.
Романецот можеше да се пофали со солидна заработка од фудбалските денови, но сето тоа го загуби за многу кратко време, откако имаше еден краток, но прилично „црн“ период од животот. Најпрво беше уапсен во Мексико поради поседување лажни документи, а потоа следуваше и разводот од неговата сопруга, која успеа да земе огромен дел од неговото богатство.
Романските медиуми пишуваат дека во бракоразводната парница Радукану „загубил“ околу еден милион евра, но потоа успеал повторно да застане на „здрави нозе“ и инвестирал во семеен бизнис за миење коли. Во 2019 година повторно се ожени и целосно се посвети на новата компанија, а неодамна за романските медиуми изјави дека воопшто не се срами од тоа што го работи во моментот.
„Многумина сакаат дополнително да го „оцрнат“ моето име, но јас не им го давам тоа задоволство. Луѓето секогаш сакаат да најдат нешто лошо и да го потенцираат, а јас секогаш се трудам да бидам чесен и доблесен. Посветен сум на мојот нов бизнис и не се срамам воопшто од тоа што го работам.
Благодарен сум на Бога што имам фирма во која работам за себе, а не за другите. Фудбалот е завршено поглавје во мојот живот. Имав прекрасна кариера, исполнета со многу успеси, но тоа е во минатото. Имав и одредени проблеми, но големината на човекот се гледа кога тој успева да се издигне од тешкотиите. Наскоро ќе отворам уште една фирма и сите ќе бидете поканети да прославиме заедно“, изјави пензионираниот романски фудбалер.
Клаудиу Радукану кариерата ја започна во Екстензив Крајова, а потоа играше и за поранешниот европски првак, Стеауа Букурешт. Беше дел од Арминија Билефелд, Еспањол, Васлуи, Гуангжу од Кина, Неа Саламис, Соренто, Универзитатеа Клуж, Премиа и уште неколку фудбалски клубови. Има забележано и два настапа за романската репрезентација.