Играше за клубот за 100 евра од љубов, а сега го спасува од банкрот

Прославениот полски фудбалер, Јакуб Блажиковски уште еднаш покажа дека е спремен навистина да му помогне на матичниот клуб Висла Краков. Откако минатата година пристигна во клубот да му помогне во битката за опстанок и игра за плата од само сто евра, сега го спаси клубот од банкрот. 

Заедно со двајца локални бизнисмени, популарниот Куба ги отплати долговите и го откупи клубот. Пандемијата предизвикана од коронавирусот дополнително ги зголеми проблемите на клубот кој во моментите кога размислуваше да прогласи банкрот беше спасен од играчот. Полските медиуми ги потврдија овие најави, а се чека само уште официјална потврда од Висла. 

Легендата на Полска ги изненади сите кога на само 33 години одлучи од Бундеслигата да се врати во екипата за минимална плата и го исполни ветувањето дека еден ден ќе се врати во клубот. 

Блажиковски професионалната кариера ја започна во Честочова, пред да прејде во Висла. Во 2007 замина во Борусија Дортмунд каде се етаблираше во еден од најдобрите играчи, а подоцна играше кратко во Фиорентина и неколку сезони во Волфсбург.