Играше за Јувентус, па стана келнер во Ница, а потоа заврши во Лестер Сити!

Италијанскиот фудбалер Давиде Лоренцо е во центарот на вниманието на англиската јавност, поради неговата животна приказна поврзана со спортот и приватниот живот.

Лоренцо, кој има 24 години, моментално е под договор со Лестер Сити и игра за вториот тим на „лисиците“. Но, да не беше Вичај Шривадханапраба, сопственикот на Лестер кој загина во хеликоптерска несреќа, тогаш Италијанецот ќе беше далеку од фудбалот.

Давиде Лоренцо беше дел од италијански Јувентус, каде играше како младинец, но никогаш не доби шанса во првиот тим. Следеа авантури и во Малта, Белгија и Норвешка, беше на проба и во САД, а откако не доби договор, реши да престане со фудбалот.

Се пресели во Ница, каде живееше со девојката и работеше како келнер во елитен ресторан. Таму случајно се запознал со Вичај Шривадханапраба, со кого поразговале за неговата животна приказна и за пропуштените шанси во фудбалот. Италијанецот прво не знаел со кого разговара, а откако Вичај му се претставил дека е сопственик на Лестер Сити, му понудил шанса да се врати во спортот.

Лоренцо веднаш ја прифатил поканата, па почнал со индивидуални тренинзи. Се преселил во Англија, каде добил шанса да игра за вториот тим на Лестер Сити, во чии редови настапува и денес.

Лестер Сити има фудбалер кој може да испише нова фудбалска бајка. Којзнае, можеби Лоренцо ќе успее, па ќе стане она што е Џејми Варди денес за „лисиците“ кои сензационално станаа прваци во Премиер лигата пред некоја година...