Играше со Винициус, беше пред портите на Реал Мадрид, но заврши во – Србија!

Фудбалската кариера често знае да биде непредвидлива и да ја смени насоката во момент. Еден од најдобрите примери за тоа е 24-годишниот напаѓач Линколн Кореа дос Сантос, кој денес официјално стана нов играч на Спартак Суботица. Бразилецот потпиша договор на две и пол години и ќе се обиде да го врати својот блесок во дресот на клуб кој моментално се наоѓа на претпоследната позиција во српската Суперлига.

Линколн своевремено важеше за една од најголемите надежи на бразилскиот фудбал. Во младинските категории на Фламенго настапуваше заедно со Винисиус Жуниор, а неговиот потенцијал беше препознаен од европските гиганти Реал Мадрид и Барселона. На 19 години имаше на маса понуда од „кралскиот клуб“, додека клаузулата за неговиот трансфер изнесуваше неверојатни 54 милиони евра. Сепак, наместо очекуваниот голем трансфер, кариерата на талентираниот напаѓач тргна во сосема друга насока.

По заминувањето од Фламенго, Линколн ја прифати понудата на Висел Кобе од Јапонија за сума од 2,5 милиони евра, но неговиот престој таму не траеше долго. Брзо се врати во родниот Бразил, каде настапуваше за Крузеиро, а потоа ги менуваше дресовите на Алтах во Австрија и Атлетико МГ во Серија Б.

И покрај тоа што настапуваше на повеќе континенти, никаде не успеа целосно да ја реализира својата кариера, каква што му се предвидуваше уште како тинејџер.