Играчи на Шкендија Арачиново намерно биле заменети со Шкендија!?

Полуфиналниот натпревар од Купот на Македонија меѓу Шкендија Арачиново и Шкендија од Тетово, одигран во Куманово, донесе многу повеќе од само фудбалска драма на теренот. Иако тетовскиот состав важеше за апсолутен фаворит, тимот од Арачиново во првото полувреме покажа дека не е инфериорен противник. Напротив, домашните беа поконкретни, создадоа неколку опасни ситуации и дури ја погодија стативата, оставајќи впечаток на тим кој е подготвен за сензација. Сепак, сликата на теренот целосно се промени во второто полувреме, а според неофицијални информации, причина за тоа биле случувања во соблекувалната на Шкендија Арачиново за време на паузата.

Како што објави „Инфоспорт“, наводно, дел од домашните фудбалери изразиле незадоволство и не сакале да постапуваат според одредени инструкции, по што неколкумина од нив биле заменети по 60. минута. Токму тие промени, според локалните извори, значително влијаеле врз падот на играта на тимот.

По излегувањето на неколку клучни играчи, меѓу кои и капитенот Амир Нухија, екипата од Арачиново делуваше неорганизирано и без енергија, што Шкендија го искористи за да постигне два гола и да обезбеди место во финалето. Посебно внимание привлече и првиот гол, постигнат од Себастијан Спахиу, при кој реакцијата на резервниот голман Шукриу остави многу простор за критики. Тој влезе во игра непосредно по еден час игра, заменувајќи го дотогаш сигурниот Столевски, кој беше меѓу најдобрите поединци на теренот.