Играч на Милан откри што кажал Ибра во соблекувалната по поразот од Интер

Фудбалерите на Милан доживеаа тежок пораз во „Дерби дела Мадонина“ против Интер (0-3), со што градскиот ривал им зададе тежок удар во битката за скудетото. Иако Милан одлично го отвори вториот дел, Самир Хандановиќ направи „чуда“ на голот и одбрани три удари за 50 секунди, па го остави Интер во предност. 

Златан Ибрахимовиќ во неколку наврати беше најопасен по голот на Интер, но веќе кога го примија третиот гол, Пиоли реши да го замени со цел да не презема непотребни ризици. Италијанските новинари се погрижија да дознаат каква била реакцијата по мечот на Швеѓанецот, а тоа им го откри Франк Кеси. 

„Ибра ни кажа дека тоа е фудбалот. Боли секој пораз, но ни кажа дека мора да кренеме глава и да продолжиме посилно од претходно. Пред нас се уште многу натпревари“, кажа Кеси. 

Очекувањата на „росонерите“ уште пред стартот на сезоната беа пласман во Лигата на шампионите, но тоа што успеаа долго да бидат лидери во првенството е само голем плус. Сега пред нив е битка во Лигата на Европа, како и да го задржат местото меѓу првите четири.