• Иван Димовски
По повеќе од две години пауза од фудбалот, поранешниот македонски селектор Игор Ангеловски има нов клуб во кариерата.
Популарниот Мрме оди на нов предизвик и ќе води тим од Првата дивизија во Кипар. Станува збор за Етникос Ахна, клуб кој низ историјата бил популарна дестинација за многу фудбалери од Македонија. Дури седумнаесет наши играчи биле дел од Етникос, а најзапазена улога имаше Мартин Богатинов кој со 175 меча меѓу стативите беше клупска легенда.
За Ангеловски предизвикот во Етникос Ахна ќе биде четврти клупски во кариерата, а трет меѓународен. Досега како тренер Мрме работеше во Работнички со најдолг стаж, потоа беше селектор и ја водеше Македонија на историското Европско првенство, па имаше не многу успешни мисии во Горица од Хрватска и Каспиј од Казахстан.
Клубот го промовира Ангеловски преку социјалните мрежи, а потврди дека негов прв асистент ќе биде Милан Илиевски кој во минатото беше асистент во репрезентацијата, додека самостојно го водеше само Работнички.

