„Идолот“ на Риера: Тој е одличен избор за клупата на Црвена Звезда!

Шпанецот Алберт Риера одлично го започна мандатот на клупата на Црвена Звезда и за кратко време успеа да ја придобие довербата на навивачите. Белграѓани најпрво убедливо ја совладаа Викторија Плзењ со 3-0 во првиот плеј-оф меч за пласман во Лига Европа, а потоа со комбиниран состав го декласираа Чукарички со 4-0 во домашното првенство.

По пристигнувањето на „Маракана“, Риера откри дека негов фудбалски идол бил поранешниот играч на Црвена звезда, Јован Станковиќ. Нивната приказна започнала уште во периодот кога двајцата биле во Мајорка - Станковиќ настапувал за првиот тим, додека Риера тогаш се пробивал преку резервниот состав.

Двајцата повторно се сретнаа по победата на Звезда над Чукарички, а Станковиќ не го криеше задоволството што неговиот долгогодишен пријател сега е тренер на белградскиот гигант.

„Многу сум среќен што мојот пријател стана тренер на првиот тим на Црвена Звезда. Нашето пријателство започна во Мајорка. Јас бев во првиот тим, а тој во вториот.

Му кажав дека, доколку заминам, тој може да биде одлична замена на левата страна. Тој го слушна тоа, ми пријде, ми се заблагодари и така започна нашето пријателство“, изјави Станковиќ. 

Поранешниот српски фудбалер смета дека Риера е одличен избор за клупата, особено поради неговото искуство и карактер.

„Работеше на Балканот, беше во Словенија и добро разбира што зборуваме. Има балкански карактер и тоа се гледа и на теренот. Се видовме повторно пред пет години, кога ме праша дали би сакал да му помогнам како тренер. Јас, сепак, повеќе сакав да бидам прв тренер“, додаде Станковиќ.

Риера засега има одличен статус во Белград, а неговиот пријател Станковиќ, како и навивачите на Звезда, сигурно се надеваат дека добрите резултати ќе продолжат и во блиска иднина.