Идолот на Меси „удри“ по денешните генерации: Ние не се сликавме со фризерот!

Легендарниот Хуан Роман Рикелме имаше навистина богата и славна фудбалска кариера, а покрај успесите на личен план, во светот е познат и како идол на Лионел Меси. 

45-годишниот Рикелме во моментов е претседател на Бока Јуниорс и работи на промоција на младите таленти од Аргентина, но во едно интервју за домашните медиуми жестоко „удри“ по новите генерации, за кои смета дека мислат на многу работи неповрзани со фудбалот. 

„Ние сакавме да играме фудбал и немавме ништо друго на ум. Не се оптоварувавме со изгледот, фризурите и автомобилите. Денес играчите се фотографираат со нивните фризери и сето тоа го објавуваат на инстаграм.

А, навивачите и нивните поддржувачи стискаат „лајк“ на нивните објави, наместо да ги потсетат дека се фудбалери, а не манекени. Се чувствувам згорзено бидејќи не можам да променам ништо по ова прашање“, изјави славниот Аргентинец.

Хуан Рикелме во својата богата кариера играше за Барселона, Виљареал и Аргентинос Јуниорс, а започна во Бока Јуниорс, за која одигра над 300 натпревари и стана вистинска икона на овој клуб.