Иднината на Стефан Ристовски се одлучува денес

Ристовски

Македонскиот дефанзивец Стефан Ристовски денес би можел да ја дознае својата фудбалска иднина. Прашање кое е непознато за јавноста е дали тој ќе остане во Спортинг, или ќе ја продолжи кариерата во Русија, од каде има интерес од неколку екипи.

Тренерот Рубен Аморим не смета на нашиот интернационалец до крајот на сезоната, поради наводно несериозно однесување на еден тренинг. Поради тоа може да се верува дека фудбалерот ќе одлучи да менува екипа, каде ќе добие минутажа.

Преодниот рок во Русија завршува утре, па ако се подготвува некаков договор, истиот ќе мора да биде склучен што поскоро. Спартак и Динамо Москва работат на трансфер на македонскиот фудбалер, кој игра во Португалија од 2017 година.

Се споменува и опција Ристовски да си замине од Лисабон како позајмен фудбалер. Договорот во таква ситуација ќе вклучува опција за целосно откупување на крајот од сезоната.

Пазарната цена на нашиот репрезентативец се движи од 2,5 до 3 милиони евра.