Ибраими стрелец во победата на Кукс над Тирана на Тошевски и Најдовски

Агим Ибраими продолжува со одличните партии во албанската Супериорна категорија, стрела и во победата на Кукс кај Тирана (0-2). Дуелот против поранешните ривали од Вардар, Филип Најдовски и Кристијан Тошевски, Кукс и Ибраими го решија со по еден гол во двете полувремиња. 

Поранешниот македонски репрезентативец, Агим Ибраими го отвори резултатот во 17. минута од средбата, погодувајќи од белата точка за 0-1. Тирана немаше сили да се врати во мечот, па Кукс со уште еден погодок во самиот финиш, кој го постигна Лимај стигна до победа од 0-2 на гостувањето во главниот град. 

Агим Ибраими е прв стрелец во првенството на Албанија со десет погодоци, а зад него со по осум се Фрајдеј и Хоџај. Кукс се наоѓа на петтата позиција од табелата, далеку над опасната зона и со четири бодови помалку од местата кои водат во квалификациите за пласман во Лигата на Европа. Тирана пак има три помалку од денешниот ривал и е позиција подолу.