• Зоран Мишевски

Многу полесно од пред два дена, Шкендија ги совлада Младост Царев двор со 2-0 (1-0) и се врати на пет бода заостанување до лидерот Вардар по 21. одигран натпревар. Тетовските „црвено-црни“ со по еден гол во двете полувремиња го „скршија“ отпорот на Младост Царев двор, кој по протести и натегања, сепак отпатува во Велес да го одигра повторениот натпревар.
Натпреварот го одбележа прекрасниот слободен удар на Бесарт Ибраими од 22-23 метри, точно на половина од играта во првото полувреме (1-0). Ова ремек дело на најдобриот фудбалер на Шкендија оваа пролет, беше големо олеснување за избраниците на Бруно Акраповиќ, бидејќи со предност полесно беше да се игра против затворениот тим на Цветаноски. Ибраими, Радески и Мерајиќ имаа нови шанси во финишот на првиот дел, но остана 1-0 на полувреме.
Одлуката околу победникот падна во 56. минута, кога по центаршутот на Мерајиќ, Бразилецот Стенио Жуниор ефектно со глава ја смести топката во мрежата на гостите од ресенското село.
До крајот беше прашање само колку гола ќе примат гостите, па Радески и Мерајиќ уште неколку пати се заканија. Шкендија е вториот тим по Вардар со максимални 9 бода оваа пролет, а „царевите“ тонат на табелата, а ниту календарот не им оди во прилог, бидејќи в недела го дочекуваат лидерот Вардар.