Ибраими: Шкендија заслужува повеќе одошто доби во изминатите години

Бесарт Ибраими, најдобриот стрелец во историјата на македонскиот фудбал, повторно ќе игра за Шкендија, клубот каде ги оствари најголемите успеси како фудбалер.

Како гром од ведро небо одекна веста дека 37-годишниот си оди од првакот Струга. Двете страни потпишаа нов договор, но предвреме се разделија. Шкендија веќе го потврди ангажманот на Ибраими и ги потврди најавите кои кружеа низ кулоарите подолго време.

„Многу сум среќен затоа што доаѓам во клубот каде ги минав најдобрите моменти во мојата кариера. Благодарен сум на Бог, на газдата на клубот, на раководството што пак ми дадоа шанса да го носам дресот на Шкендија. Во Тетово се чувствувам како дома, поврзани сме со семејството со овој град. Ќе уживам пак да играм во Шкендија, која заслужува многу повеќе одошто доби во изминатите години. Ќе се обидам да го дадам најдоброто, а на крај се надевам ќе бидеме наградени за тоа сите со титула и ќе го направиме градот да се радува“, изјави Ибраими.

Ибраими беше дел од Струга Трим Љум од 2022 година. 37-годишникот претходно играше за Ксанти од Грција, Ермис и Енозис од Кипар, Таврија, Металург Запорожје, Севастопол од Украина, германски Шалке 04, а во Македонија беше дел и од Шкендија, Ренова, Напредок и Велазерими.