Ибраими „раскина“ со Домжале, следи кам-бек во Шкендија?

Македонскиот фудбалер Агим Ибраими не отпатува со Дожмале на старт на подготовките затоа што двете страни спогодбено го раскинаа договорот и тој е слободен агент.

Ибраими беше првотимец, играше редовно во словенечкиот прволигаш, но двете страни го раскинаа договорот затоа што од Домжале сакаат да заштедат на средства и воедно да им дадат шанса на помладите фудбалери во тимот.

Крилниот офанзивец секако дека има понуди на маса, а можно е тој да го реализира долгонајавуваниот трансфер во Шкендија. Веќе подолго време се шпекулира дека тетовчани го „ловат“ Агим Ибраими, кој е дете на клубот и би можел одлично да ја пополни дупката по заминувањето на Ферхан Хасани.

30-годишниот Ибраими важи за фудбалер со големо искуство, а покрај за Домжале и Шкендија, во кариерата настапуваше за Астана, Каљари, Марибор, Нафта, Ешкишехирспор, Олимпија Љубљана и Ред Бул Салцбург.